Барај правда
Граѓаните е вообичаено да живеат со правни проблеми, и најголем дел од нив прават напори да го решат. Некои граѓани поради нивната слаба економска моќ, недовербата во институциите и системската дискриминација, многу ретко се решаваат да бараат заштита на своите права и остварување на правда по институционален пат.
Целите за одржлив развој или конкретно целта 16.3 ја препознава поврзаноста со пристапот до правдата, намалувањето на сиромаштијата, родовата еднаквост и инклузивниот одржлив развој. Државата може да осигура економскиот раст и развој, надминување на сиромаштијата, родова еднаквост само доколку се обезбеди пристапот до правдата и иницијативите за правно зајакнување како интегрален дел во постигнувањето на Целите за одржлив развој на Обединетите нации.
Доколку се соочувате со правен проблем и немате доволно финансиски средства за решавање, вие имате право на бесплатна правна помош.
За повеќе информации околу природата на проблемот со кој се соочувате, како и за можностите за остварување на правото на примарна и секундарна правна помош за негово решавање, обратете се во Министерство за правда, овластените здруженија на граѓани и правната клиника.
Примарната правна помош се обезбедува за решавање на правните проблеми во управните постапки пред надлежните институции и истата подразбира:
- помош при пополнување на формулари и обрасци издадени од надлежните управни органи од областа на социјална заштита и заштита на правата на децата, пензиско, инвалидско и здравствено осигурување; заштита на жртви на родово базирано насилство и семејно насилство; постапка за упис во матична книга на родени; стекнување со документи за лична идентификација и државјанство;
- составување на претставки до Комисијата за заштита од дискриминација и до Народниот правобранител и барања за заштита на слободи и права до Уставниот суд на Република Северна Македонија.
Секундарната правна помош се обезбедува од страна на адвокат за решавање на правните проблеми пред надлежните судови, државен орган, Фондот на пензиското и инвалидското осигурување, Фондот за здравствено осигурување и лица кои вршат јавни овластувања. Преку секундарната правна помош вие имате право на:
– Застапување од страна на адвокат во судските постапки за ваша заштита;
– Ослободување од плаќање на судските тошоци и другите трошоци во постапката пред судовите;
– Ослободување од плаќање на трошоците за вештачење и собирање на докази;
– Ослободување од плаќање на административните трошоци.
За да го остварите ова право, потребно е да пополните и поднесете барање до подрачното одделение на Министерство за правда во вашето место на живеење.